ВИДЕО: Маж ми е инвалид со мозочен удар, извршителот ни ги зема парите што ни се за лекови

Од:

Извршителот нема душа, не сака да ни се смилува и покрај тоа што маж ми е инвалид со мозочен удар и пензија од 10.000 денари. Секој месец една третина од парите одат на неговото конто, а ние немаме пари ни за лекови, изјави Соња Маџова, една од оштетените граѓани, која правдата ја бараше на денешниот протест против извршителите. Маџова вели дека има две решенија за извршување, едното на 80.000, а второто на 30.000 денари.

„Мажот ми има минимална инвалидска пензија, едвај преживуваме. Ни најдоа стари долгови и нè дадоа на извршители. За долг од 20.000 денари, треба да платиме 1.400 евра, не знам дали е нормално тоа. Деновиве пристигна уште едно решение за извршување за некојси долг од 5.000 денари кон Македонска банка. Ова е некој долг од 2007 година за кој не сме ни знаеле дека постои, никој ниту нè известил ниту нè побарал, туку директно нè дале на извршител и сега треба да се платат 30.000 денари. Ова никаде го нема“, вели Маџова револтирано.

И Ристо Лозановски од Скопје дојде да се пожали во Министерството за правда бидејќи, како што вели, наместо наследник на имот, завршил како должник. Четири години заглавил во судските лавиринти и наместо да ја добие правдата, останал без куќа, а платил и извршителски трошоци од 4.000 евра.

„Имаше оставинска постапка, требаше да наследам куќа, но, наместо тоа, станав должник. Куќата ја проценија на 50.000 евра и ја поништија оставинската постапка. И на сето тоа ми изрекоа решение за трошоци. По тоа, следуваше извршување, ми ги зедоа парите, а јас останав и без куќа. Уште сум во тој процес, не знам дали некогаш ќе успеам да се изборам за правдата, веќе немам верба во оваа држава“, вели Лозановски.

На протестот пред Министерството за правда граѓаните и овој пат напишаа поплаки и побараа да се изврши проверка, како што велат, на незаконските решенија за извршување. Ана Глигоровa од инцијативата „Стоп за извршителите“ и овој пат ги повика надлежните да ги усвојат барањата на оштетените граѓани, со што ќе се стави крај, како што вели, на незаконските извршувања.

„Имаме над 100.000 предмети, секојдневно нè известуваат дека пристигаат нови решенија. За долгови од 2001 година, за некоја сметка од 1.000 денари, бараат да се платат извршителски камати и над 60.000 денари. На овие граѓани ниту им стигнала сметка ниту опомена, директно им се врачуваат решенија за извршување. На ова работа мора да се стави крај, нема да престанеме, ќе бидеме тука додека овој грабеж не престане“, порача Глигоровa.

Како што информираа иницијаторите, од многубројните поплаки на граѓаните досега им било одговорено само на тројца оштетени граѓани. Велат дека секој вторник ќе вршат притисок додека не им се стопираат решенијата на над 80.000 граѓани, кои се блокирани поради извршителски долгови.

Би можело да ве интересира

ОЈО Кичево ќе вложи жалба за определената мерка претпазливост за извршителката за Кичево што нападна новинар и полицаец

Комората на извршители го осудува попречувањето на извршувањето спроведено од извршителката Јакимовска од Гостивар

Граѓаните бараат извршителите да ги почитуваат законските измени со кои долговите застаруваат

Глигорова: Извршителите веќе втор месец не постапуваат по новите измени во Законот за облигациони односи

Адвокати, нотари извршители за пет години наплатиле осум милиони евра од ЈП Водовод Скопје, утврди ревизијата

A1on

Нема спас од извршителите: Освен од банка, сега ќе може да им ги земат парите на граѓаните и од штедилница

A1on