ВИДЕО: Компанија од Слупчане изградила бензинска кај Табановце со одобрение старо 23 години, потпишал ексминистерот за транспорт, Владо Мисајловски

Од:

Патниците кои влегуваат во Македонија преку граничниот премин Табановце не можат да наполнат бензин, ниту да застанат на пауза на првата бензинска станица на која наидуваат. Иако е целосно изградена, до неа нема пристап. Оградена е и со банкина и со жица. Така е повеќе од две години.

Истражување на „А1он“ покажа дека бензинската почнала да се гради во 2017 година, но со одобрение за градење старо 23 години. Сега е невозможно да добие сообраќајна согласност за да почне со работа оти за две децении се смениле многу работи околу локацијата.

Бензинската ја изградила „Хени компани“ од Слупчане. Го купила земјиштето чии сопственици биле „Простор ДОО Куманово“ и сега распаднатиот Земјоделско-индустриски комбинат Куманово. Тие во 1994 година добиле одобрение за градење бензинска која никогаш не ја изградиле. Иако поминале повеќе од 20 години, во 2015 година тогашниот министер за транспорт и врски Владо Мисајловски не го поништил старото одобрение за градење туку  на „Хени компани“ им го признал статусот инвеститор повикувајќи се на одобрението за градење од 1994 година.

До бензинската нема пристап, оградена е и со банкина и со жица

Одобрението во 1994 година било издадено за бензинска станица која тогаш излегувала на магистрален пат, но во 2011 година магистралниот пат стана автопат, а со тоа сменети се и правилата за градење објекти покрај патот. Токму оваа промена е клучната причина поради која бензинската, како што велат од Министерството за внатрешни работи, е невозможно да добие сообраќајна согласност.

„Во конкретниот случај објектот не ги исполнува следните услови: за приклучување на придружно услужни објекти и содржини на патот на изградени државни или општински патишта и улици задолжително се приложува и извод од важечки урбанистички план или урбанистички проект со конкретна намена на локацијата за која се бара утврдување на режимот на сообраќај, во конкретниот случај објектот претходно има добиено решение за траен режим на сообраќај за приклучок на магистрален пат, но со оглед на фактот дека од оваа временска дистанца т.е. со новонастанатата состојба има промена на приклучување на истиот објект сега на автопат, со кое се променети и условите за добивање решение за приклучување на објектот на автопат, потребно е да има државна урбанистичка планска документација за приклучок на придружно услужниот објект на автопат А1 и притоа да бидат запазени условите од Правилникот за технички елементи за изградба и реконструкција на јавните патишта и на објектите на патот, односно растојанието помеѓу вливната и изливната лента кај денивелираната и површинска крстосница на автопатот А1 треба да биде поголема од 1.000 метри“, велат од Министерството за внатрешни работи.

Од „Хени компани“ тврдат дека ја имаат сета потребна документација и се сметаат за оштетени, но објаснување за целиот случај, тргнувајќи од начинот на тоа како го купиле земјиштето до преписките со институциите за пуштање во употреба на бензинската, најавија за следната недела.

Во 2015 година тогашниот министер за транспорт и врски Владо Мисајловски не го поништил старото одобрение за градење туку  на „Хени компани“ им го признал статусот инвеститор повикувајќи се на одобрението за градење од 1994 година

Поранешниот министер, сегашен пратеник Владо Мисајловски, не одговори конкретно на прашањето зошто не го поништил одобрението за градење од 1994 година поради тоа што магистралниот пат станал автопат со посебни правила за градење објекти покрај него, но за „А1он“ тврди дека се што потпишал било законски.

„Не се сеќавам конкретно на овој случај, но со сигурност можам да кажам дека се што сум потпишал било законски. Сега не можам ниту да проверам оти немам пристап до документацијата, надвор сум од институцијата“, кусо изјави поранешниот министер Мисајловски.

Сегашниот министер за транспорт и врски Благој Бочварски, молчи. Од него побаравме објаснување за целиот случај и начинот на кој ќе го решат проблемот. Ниту неговиот кабинет, ниту службата за односи со јавност не одговори на прашањата.

Додека институциите молчат, земјиштето околу веќе изградената бензинска станува сè поатрактивно и побарано. Веднаш до оваа бензинска, друга компанија сака исто така да изгради бензинска станица, но и тие велат дека две години се заглавени во институциите поради тоа што не е решен статусот на бензинската на „Хени компани“.

Би можело да ве интересира

На „Табановце“ и „Богородица“ за влез во државава се чека повеќе од еден час

Тошковски и Дачиќ: Има решение за метежот на граничниот премин во летната сезона

Раскинат е договорот со фирмата што ја снабдуваше АРМ со храна, по труењето на 60 војници

На „Табановце“ е уапсен осомничениот за убиството во Кочани

Горан Наумовски

На „Табановце“ за излез од државата се чека околу 40 минути

На „Табановце“ за излез од државата се чека околу 40 минути