Со реформа во Армијата трајно се решава статусот на професионалните војници со навршени 45 години возраст и се овозможува да останат во Армијата како цивилни лица со трансформација на работниот однос од определено на неопределено време – информира министерот за одбрана Владо Мисајловски на заедничка прес-конференција со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, и претставници на синдикалните здруженија во одбраната.
Одлуката, појасни Мисајловски, е донесена денеска на седница на Владата, а решението е договорено и усогласено заеднички со Армијата и војниците.
– Решението значи дека војниците, конечно, заслужено ќе може да бидат задоволни и сигурни и по својата 45. година. Остануваат сите опции – отпремнина, трансфер во институциите, но со оваа реформа правиме можност секој војник да може да остане како цивилно лице во Армијата – изјави Мисајловски.
Ова е целосно ново решение и, како што посочи Мисјаловски, не е дел од Колективниот договор, за кој преговорите продолжуваат.
Началникот Лафчиски, нагласи дека ова се прекрасни вести за професионалните војници со оглед дека ова горливо прашање се провлекува повеќе од 15 години.
-Обврската околу обезбедување на гарнизноните и касарните и имотот на Армијата е на единиците, како терцијална дополнителна обврска на тие единици. Со ова предлог решение обезбедувањето ќе биде обврска на единиците во кои ќе бидат распределени професионалните војници кои навршуваат 45 години – изјави Лафчиски.
Ве уверувам, нагласи Лафчиски, дека не постои подобар персонал од професионалните војници кои ќе се одлучат да го трансформираат работниот однос за извршување на оваа обврска.
Месечните примања, вклучително сите додатоци на плата, како што беше посочено, ќе останат исти и ќе заминат во пензија согласно истите правила согласно Колективните договори во Армијата.
Проценката е дека од следната година околу 100 војници ќе ја искористат оваа можност.
