ВИДЕО: Даночните реформи на Тевдовски како во времето на Хрушчов

Од:

Даночната реформа, воведување на прогресивниот данок што го предлага министерот за финансии, Драган Тевдовски, наместо фискален ефект, само ќе ги научи субјектите да бидат даночни непослушници и ќе ја стимулира сивата економија. Со ова нема да се постигне никакво нивелирање на јазот на богатите и сиромашните, а мерката е само популизам што декларативно треба да ги поткрепи социјал-демократските политики, е првиот впечаток на идните даночници од кои ќе се собираат овие средства.

Голем дел од засегнатите велат дека оваа даночна интервенција се протнува без широка дебата и изминативе месеци откако таа беше најавено до денес не се направени никакви консултативни состаноци со тие кои ќе бидат есапени. Негодувањата се насочени и кон селективниот приод во собирање на данокот и се посочува дека ако се направи наплата на даноци во извесни региони во државата каде што тоа воопшто не се прави, ќе се добие и поголем буџетски ефект отколку овој што се најавува со наплата на прогресивниот данок.

Според Зоран Витанов, претседател на „Ликонет“, оваа даночна мерка наликува на урамниловските што ги правел поранешниот советски лидер Никта Хрушчов и претставува казнива политика кон успешните.

„Ние можеме да ги пренесеме бизнисите надвор од држава и со тоа ќе изгуби и државата и граѓаните. Се разбира дека сите сме свесни дека во Македонија има многу сиромашни, но дали е ова начинот да се постигне социјална рамноправност. Од каде сме сигурни дека овој дополнителен данок нема да служи само за хранење на владејачките партии“, смета Витанов.

Ова е тотално промашен модел за економски развој, а ефектуирање на дополнителни 25 милиони евра во државната каса не се никаква фискална мерка што ќе донесе социјално порамнување и ќе го намали јазот на богатите и сиромашните, смета дел од стручната економска јавност.

За Снежана Костадиновска Молошовска од Институтот за економија, оваа нова даночна мерка се носи непромислено и воопшто не е приоритетна за да се зголеми буџетот. Според неа, од времето кога е донесен рамниот данок, значително била зголемена даночната дисциплина, а сега, со воведување на прогресивниот данок е голем ризикот дека таа повторно ќе ја снема и дека ќе се зголеми даночната непослушност.

Успешните, владата ги нарекува богати и како да сака да ги казни да одат напред, сметаат од бизнис-заедницата. Од таму велат дека владините службеници не сакаат да се откажат од непотребните административни трошоци што го оптоваруваат буџетот, а сака да ги оптовари оние кои се поуспешни во работата.

Наместо ИТ-индустријата или прогресивните растечки индустрии да бидат поттикнати и да отвораат нови работни места па социјално загрозените да можат да заработуваат, тие евентуално би добиле социјална помош чиј износ не може да задоволи никакви егзистенцијални потреби. Затоа, сметаат економските експерти, ова владино ветување е поигрување со социјалната правда и чиста манипулација која може да донесе голема штета на македонската економија.

Од Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ исто така се револтирани од обидот да се провлече воведувањето на прогресивниот данок без никој да не ги косултира.

За Горан Поповски, претседател на управниот одбор на МАСИТ, ИТ-дејноста кај нас е и натаму во развој и на неа треба да се работи стимулирачки, а со најавата за прогресивен данок се добива впечаток дека може да предизвика излевање на стручните кадри од земјава.

Нивните анализи покажуваат дека станува збор и за тактизирање во актуелниот политички миг, и дека не се води сметка за тоа со колкав ризик од даночна евазија ќе се соочиме.
Субјектите кои се засегнати од новата даночна мерка веќе бараат начин како да го сокријат приходот, односно наоѓаат други начини на месечна распределба на приходот со што дефакто ќе биде стимулирана сивата економија.

Уште поголеми се стравувањата дека ова е само вовед во уште поригидно пропорционално порамнување.

Ако е ова дел од заговарање политиките на владејачката партија која мора да пласира политики на социјал-демократи, но во неспремна економска клима, препораките на експертите е да се почека а не да се кокетира на картата социјална првада.

Во креирање на новиот данок засега не е направена проценка колкав е ризикот од тоа голем дел од овие бизниси да ја напуштат земјата и истовремено стотици вработени во овие фирми да останат без работа.

Повикувајќи се на социјална правда и можност дополнително да се оданочат богатите, односно оние со приход од 90 000, кои според многумина, ако на пример единствениот хранител во семејството успева да ги заработи, не се воопшто ставка која може да се смета за луксуз не е никаква социјлна правда, туку спротивно на тоа ќе ги осиромаши и оние кои со поголемите месечни заработувачки се поголеми двигатели на економијата. Економскиот сообраќај и движењето на парите во земјава секако во најголем дел го прават оние со поголема куповна моќ.

Останува отворено и прашањето која е гаранцијата дека и дополнителниот даночен доход ќе биде наменет токму за тоа за што најавува Владата а нема истиот да послужи за хранење на државниот апарат?

Ана Василева

Би можело да ве интересира

Бесими: Нема замрзнување на платите, работиме на системско и одржливо решение за раст на платите во јавниот сектор

Горан Наумовски

Бесими: Целосна интеграција во ЕУ значи реформи, решавање предизвици и долгорочна стабилност во регионот

Горан Наумовски

Бесими: Нема експропријација на дивоградби, законски измени заради забрзана динамика и пониски трошоци за реализација на проектите

Ана Ололовска

МФ: Интересот за еврообврзницата поголем за половина милијарда евра од претходната аукција

Ана Ололовска

ССМ најави кривична пријава против министерот за финансии Фатмир Бесими

Ана Ололовска

Најава за генерален штрајк од Синдикат на вработените во Министерството за финансии

Ана Ололовска