Нина Ангеловска – спортистка, „кралица на попустите“ и идна министерка за финансии

Од:

Различни реакции во јавноста предизвика предлогот на премиерот Зоран Заев да ја предложи Нина Ангеловска за нова министерка за финансии. Дел од јавноста смета дека таа е премлада на своја 31 година да го води еден од најважните ресори во државата и да раководи со буџетот, додека останатите сметаат дека младите перспективни и едуцирани кадри, особено во овој сегмент, можат да придонесат во даночните реформи и во даночната политика.

Во јавноста Ангеловска досега беше препознатлива како  сопственичка и извршна директорка на Групер (Grouper.mk), првиот македонски онлајн сервис за купување преку групни попусти, по што често беше нарекувана „кралицата на попустите“.

Во 2011 година, тогаш 21-годишната Ангеловска победила на државниот натпревар за иновативен бизнис план и последователно ја лансирала Grouper.mk, првата онлајн платформа за купување преку групни попусти во Македонија.

„Во тоа време, само еден отсто од граѓаните во земјава користеле Интернет. Grouper.mk во моментов има повеќе од 2.500 трговски партнери и 170.000 регистрирани корисници“, пишува на официјалната веб-страница на Форбс, каде што Ангеловска во 2018 година беше избрана во категоријата највлијателни млади деловни луѓе во Европа помлади од 30 години (“30 under 30″).

Во 2016 година таа влегла на на листата на „100 жени основачи од Европа” на германскиот магазин „The Hundert”.

„Со прифаќање на овој голем предизвик, подготвена сум целото свое стекнато знаење, менаџерски способности и бизнис искуство, да ги вложам за најдобро вршење на оваа исклучително одговорна функција, носење на најдобрите информирани одлуки за нашата земја и граѓаните, брзо апсолвирање и одговорно делување“, напиша вчера таа на својот профил на Фејсбук.

Ангеловска во повеќе интервјуа изминативе години зборуваше и за нејзиниот приватен живот.

За себе вели дека е поборник на спортскиот живот, па голем дел од времето го посветува на трчање и на фитнес тренинг, со цел, како што вели, „да се ослободи од било каква негативна енергија и стрес“. За „Женски магазин“ таа неодамна сведочеше дека за нејзиниот успех најзаслужна е нејзината мајка.

„Мајка ми од мала ме учеше дека знаењето е единственото нешто што никој не може да ни го земе и дека треба да бидам најдобра во тоа што ќе го правам. Така на пример на 4-5 годишна возраст ќе ме однесеше со неа во банка и додека чекавме ред ќе ми објаснеше што е уплатница и фактура. Ако нешто не забележев, ќе ме подучеше „Мора да си ачик, да забележуваш се околу тебе“, изјави таа.

Во нејзината биографија стои дека е родена во 1988 година, а средното образование го завршува во гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“. Во 2010 година дипломира на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Економски факултет на департманот Е-Бизнис како најдобар студент на генерацијата и со постигнат успех од 9,94. Таа е добитник на Манинговата награда за најдобар студент на полето на економски науки.

Во 2012 година таа станува магистер на економски науки во областа на е-бизнис менаџмент, во 2013 ги почнува докторските студии и во 2016 година се стекнува со научен назив доктор на науки по организациски науки и управување при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“.

„Со нејзиното 9 годишно искуство во менaџирање на водечката компанија за е-трговија и успешната претприемачка приказна Нина е говорник, предавач и ментор на бројни настани, конференции и академии. Од 2012 година до денес Ангеловска има земено учество како говорник на над 300 домашни и интернационални настани. Пасијата, желбата и ентузијазмот за работа, прогрес и промени како и синергијата од науката и практичната работа и отвораат бројни можности“, пишува во официјалната биографија доставена до Собранието.

Од 2018 година Ангеловска е член на управниот одбор на Европската Асоцијација за e-трговија (EMOTA) и член на советодавниот одбор во Фондацијата за е-трговија (Ecommerce Foundation). Годинава, таа станува и член на управниот одбор на Стопанската Комора на Македонија и добива покана од УНКТАД да биде жена амбасадор за дигитилна трговија.

Предлогот на Зоран Заев за новата министерка за финансии треба да биде доставен до Собранието, а потоа ќе биде ставен на гласање на собраниска седница, најверојатно идната недела.

Нина Ангеловска ќе биде втор министер за финансии на околу 30 годишна возраст, а прва жена министерка за финансии. Во 1999 година Никола Груевски беше назначен на чело на овој ресор кога имаше 29 години. Финансии досега го водеа професорите  Јане Миљовски, Никола Поповски, Трајко Славевски и Драган Тевдовски, потоа Таки Фити, а на чело на секторот беа и економистите Методија Тошевски, Џевдет Хајредини, Борис Стојменов, Петар Гошев, Зоран Ставревски и Кирил Миновски.

Би можело да ве интересира

Изборот на нов универзален снабдувач влегува во предизборна кампања: Владата не соопштува кој ќе се трка на аукцијата

Орце Костов

Тошковски за поништувањето на неговите наредби: Во влада се тотално неинформирани, како не им е срам

Орце Костов

Џафери за новите автомобили: Лизингот е поевтино решение, ако останат во Владата одржувањето ќе биде скапо

Орце Костов

Битиќи за владината набавка на 45 нови возила: Подобро е на лизинг, трошоците се помали

Орце Костов

Владата поништи пет наредби за распоредувања и прераспоредувања во МВР, само со потпис на министерот

Горан Наумовски

ЕУ за А1он: Измените на Законот за игри на среќа не упатуваат ниту на ограниченото европското законодавство

Александар Тодески