(ВИДЕО) Давитковски: Странците не надгласуваа за усвојување на бизнис планот на Телеком и ангажирање на консултантските услуги

Од:

Универзитетскиот професор и поранешен претседател на бордот на директори на Македонски телеком од 2002 до 2004 година, Борче Давитковски денеска сведочеше на судското рочиште за случајот „Маѓар Телеком“. Давитковски изјави дека секој пат претставниците на владата биле надгласувани во бордот на директори од страна на странските членови кога се усвојувал бизнис планот во кој биле предвидувани и консултантските услуги за кои компанијата издвојувала од 5 до 7 милиони евра годишно.

-Гласањето на бордот беше 6 наспроти 4 во полза на странскиот партнер особено кога се усвојуваше бизнис планот каде беа предвидени и овие консултантски услуги како и кога се носеа одлуки за зголемување на цената на услугите како на фиксната така и на мобилната телефонија, рече Давитковски.

Универзитетскиот професор истакна дека тој како претседател на бордот на директори настојувал за консултантските услуги да бидат ангажирани домашни фирми.

– Што се однесува до консултантските услуги, ние како македонски претставници секој пат реагиравме дека износот е преголем и јас инсистирав да се ангажираат домашни експерти. Се плаќаа експети од Унгарија, иако Телеком имаше свои адвокатски друштва, рече Давитковски.

Тој истакна дека немал никаква можност да ја спречи одлуката за ангажирање на фирми и лица за консултантски услуги бидејќи како како претседател на бордот имал право само на 2 вета и тоа во случај на ребрендирање на фирмата и одлука доколку се продаваат повеќе од 20 отсто од компанијата. Давитковски дополни дека бордот имал надлежност само кога компанијата врши набавка вредна повеќе од 1 милион евра, додека пак за помалите набавки надлежен е извршниот директор. Консултантските услуги биле ангажирани во повеќе наврати со сума помала од 1 милион евра.

Поради доминантната застапеност на странските членови во бордот на Македонски телеком, голем дел од одлуките ги носеле странските членови, наместо владата на РМ. Една од тие одлуки е и начинот на отпуштање на 1500 вработени. Како што вели Давитковски, тој заедно со синдикатот на вработените се спогодил за исплата на отпремнината за технолошки вишок во висина која била поволна за работниците, но странските членови на бордот се противеле на ова и барале за истите да бидат исплатени само 12 плати иако компанијата заработувала доволно за сумата да биде поголема.

-Од Унгарија требаше да ни кажуваат за начинот на отпуштање. Имаше смешни ситуации. Експертот не прашуваше за нашиот Закон за работни односи и инсистираше дека треба на прогласените за технолошки вишок да им се дадат само 12 плати без да се води сметка за капацитетот на Телекомот. Доколку се случеше како што сакаа странците ќе имаше социјални немири односно протести , затоа ние инсистиравме да се склучи спогодба во рамките на законот во која партнери ќе бидат синдикатот и бордот на директори каде ќе бидат точно забележани условите и надоместокот, рече Давитковски.

Унгарецот Атила Сендреи и членовите на тогашниот одбор на директори во „Македонски телеком“, Германецот Ролф Плат и Унгарецот Золтан Кишјакус, се обвинети во случајот „Маѓар Телеком“ дека склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарската консултантска куќа „Чаптекс холдингс лимитид“. На тој начин го оштетиле „Македонски телеком“ со речиси 4 милиони евра, а буџетот на државата со 2 милиона евра бидејќи владата во тој период поседуваше 47 отсто од акциите во компанијата.

Тројца ексдиректори на „Маѓар телеком“, Елег Штрауб, Андраш Балог и Тамаш Морваи, во паралелна постапка што се водеше пред унгарските власти за истиот случај беа обвинети дека во 2005 и во 2006 година на македонски функционери им исплатиле мито од приближно 4,8 милиони евра за да ја одложат либерализацијата на телекомуницискиот пазар. Ексдиректорите ги исплаќале парите како консултански и маркетинг-услуги.

Штрауб и Балог во април 2017 година се спогодија со окружниот суд во Њујорк и платија глоби, а пет години им е забрането да вршат дејност во акционерските друштва. Штрауб плати 250 илјади долари, а Балог 150 илјади долари. Третобвинетиот во случајот, Тамаш Морваи, се спогоди и плати глоба од 60 илјади долари за фалсификување на книгите на компанијата поврзани со поткупот.

Аферата доби нова димензија по сведочењето на ексразузнавачот Слободан Богоески пред окружниот суд во Њујорк, кое беше објавено јавно и првпат во јавноста беа посочени конкретни имиња. Богоески во сведочењето тврдеше дека мито од „Маѓар телеком“ зеле поранешниот премиер Владо Бучковски, како и функционерите од ДУИ, Али Ахмети, Муса Џафери и Абдулхалим Касами. Ахмети и Џафери, кои го тужеа Богоески за клевета и навреда, го добија случајот двапати на суд, но Апелациониот суд повторно ја укина пресудата.

Виктор Јованов

Би можело да ве интересира

Дел од измените на Кривичниот законик од утре стапуваат на сила: Што ќе значат за осудените ексфункционери

Александар Тодески

Вкупна казна од 24 години за тројцата обвинети за предметот „Маџар Телеком“

Ана Ололовска

Судот во Стразбур ќе ја објави одлуката за поништената аболиција на Иванов

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Интервју со синот на Катица Јанева: Во пералната и фонтаната ни бараа прислушкувани разговори, мајка ми има што да каже, ќе дојде ден

Кристијан Ландов

Предистрагата за високите бонуси на поранешните специјални обвинители не мрда од „мртва точка“

Кристијан Ландов

Не се загрозува ниту еден предмет покренат од СЈО со враќањето на повторно одлучување, вели Заев

Ана Ололовска