Референдумот за забрана на истополовите бракови ја подели Романија

Од:

Флорин Бухучану добро знае што се хомофобни графити и соседи кои не сакаат да го поздрават. Но никогаш не почувствувал толку анимозитет кон хосексуалците како пред референдумот на кој Романија овој викенд одлучува за тоа дали со Устав треба да се забранат истополовите бракови.

Речиси 19 милиони романски избирачи повикани се во два дена, сабота и недела, да се изјаснат за таа иницијатива поддржана од Романската Православна Црква, богата и влијателна институција, чиј партријарх неодамна оцени дека референдумот е „исказ на патриотизам“. Се очекува дека ќе победат поборниците на забрана на истополовите бракови и оти со Устав бракот ќе се дефинира како „заедница на мажи и жени“, а не „сопружници“.

Правно гледано ништо нема да се смени бидејќи романското законодавство секако не дозволува истополови бракови. Но експлицитната забрана ќе го отежне, всушност ќе направи и невозможно идна, каква било промена, која би одела во прилог на хомосексуалните двојки, истакнуваат противниците на рефрендумот. Тие стравуваат и од јакнење  на регресивната клима во земјата, со согласност на левичарската влада, чии демагошки настапи ги загрижуваат активистите за заштита на човекови права.

Поделено општество

Откако се одлучи да се оди на референдум „општеството нагло се подели“, изјави Флорин Бухучану, активист на романската ЛГБТ заедница. Романија ја депенализираше хомосексуалноста дури на почетокот на 2000-тите години.

– Од една страна постојат „чесни“ луѓе кои ги бранат семејните вредности, од друга „се оние кои им се „закануваат“ на тие вредности и мораат да бидат казнети, изјави 47-годишниот Бухучану. Неговиот партнер Виктор Чоботару  предупредува на пораст на „нападите на социјалните мрежи“, дури и од сопствено искуство.

– Сигурен сум дека не би се двоумеле да преминат на дела доколку се сретнеме, вели тој.

Единствена надеж на противниците на референдумот е одѕивот да биде толку слаб за референдумот да пропадне. За да успее, на него мора да учествуваат најмалку 30 проценти од избирачите. Владејачките социјалдемократи и нивните либерални сојузници тврдат дека се неутрални во поглед на референдумот. Но на терен, нивните пратеници учествуваат на мисии и собири на кои православни свештеници водат кампања за „да“, што укажува на поврзаност меѓу религијата и политиката.

– Сведоци сме на се потесно сојузништво меѓу политичките партии и Црквата, која промовира антилиберални и антиевропски вредности, вели Лилијана Попеску, професорка по меѓународни односи на Универзитетот во Букурешт.

Нови мети

Во Бакау, на североистокот на земјата Хосмин Олтеану, 18-годишен хомосексуалец, чувствува дека сакаат да го претворат во „граѓанин од втор ред“. „Ако не гласаш двајца мажи ќе можат да го посинат твоето дете“, предупредува голем транспарент во Темишвар. Противниците на референдумот стравуваат дека притисокот нема тука да запре. – Ако денес се цел хомосексуалците, утре ќе бидат жените и младите, тврди Флорин Бухучану.

Иницијатори на референдумот се конзервативците од „Коалиција за семејство“ која тврди дека собрала три милиони потписи за одржување на референдумот. Активисти за човекови права се сомневаат дека тие, со поддршка на Црквата подготвуваат други иницијативи, вклчувајќи ограничување на пристапот до сексуално образование или абортус. Во таква клима гиниколози од десетина болници сега одбиваат да изведуваат абортуси повикувајќи се на „приговор на совест“. Тоа е чувствително прашање во земја каде речиси десет илјади жени починаа поради илегални абортуси откако во 1966 година диктаторот Николае Чаушеску ги забрани сите облици на контрацепција.

Неколку европски пратеници жестоко го критикуваа референдумот против истополови бракови, оценувајќи дека не е во согласност со обврските на Романија кога станува збор за човековите права. Букурешт е изложен и на европски критики и поради низа реформи кои Брисел ги смета за напад врз правосудството.

– Немојте да го следите примерот на Унгарија и Полска (чии влади се обвинети дека не го почитуваат владеењето на правото), порача во средата либералниот белгиски европарламентарец Ги Верхофштад. Професорката Попеску смета дека референдумот само „ќе ја запечати таквата антилибрерална ориентација“.

Би можело да ве интересира

УЕФА донесе одлука за прекинатиот натпревар меѓу Романија и Косово

(ВИДЕО) Епилогот од хаосот во Букурешт – Косовските фудбалери одбија да се вратат на теренот

Руски дронови создаваат паника во Романија

Во Ниш се пронајдени киднапираните три деца од Романија, за грабнувањето осомничен е нивниот татко

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Пожар во романскиот Парламент, во инцидентот нема повредени

Горан Наумовски

ВИДЕО: Се затресе силно и во Молдавија, снимена реакцијата на претседателката Санду

Предраг Петровиќ