Повеќе од 45.000 луѓе загинаа во земјотресот што ги погоди Турција и Сирија, а билансот се очекува дополнително да се зголеми бидејќи околу 264.000 домови се уништени во Турција, а многумина сè уште се водат како исчезнати по најголемата модерна катастрофа во земјата.
Единаесет дена по земјотресот, во петокот во Турција од под урнатините беа извлечени тројца преживеани. Бројот на загинати е 39.672, а во соседна Сирија се регистрирани над 5.800 смртни случаи и оваа бројка не е променета со денови.
Во џамиите ширум светот се одржаа погребни молитви за загинатите во двете земји бидејќи многу од нив не беа погребани во согласност со муслиманските обичаи и правила поради обемот на катастрофата. Многу меѓународни спасувачки тимови ја напуштија огромната област погодена од земјотресот, а турските тимови сè уште ги пребаруваа срамнетите со земја згради со надеж дека ќе најдат повеќе преживеани.
Експертите велат дека најуспешните спасувачки операции се случуваат во рок од 24 часа по земјотресот.
Хакан Јасиноглу, кој има околу 40 години, беше спасен во петокот во јужната провинција Хатај, 278 часа по земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што ја погоди земјата сред ноќта на 6 февруари, соопштија пожарникарите во Истанбул. Хуманитарните организации велат дека на преживеаните ќе им биде потребна повеќемесечна помош бидејќи многу клучна инфраструктура е уништена.
Најголем дел од жртвите во соседна Сирија, каде што граѓанската војна беснее речиси една деценија, се во северозападниот регион, кој е под контрола на бунтовниците кои се борат против претседателот Башар ал Асад. Тамошниот конфликт ја отежна помошта на луѓето погодени од земјотресот.
Борбите продолжија во текот на ноќта за прв пат по катастрофата, при што владините сили ја гранатираа областа околу Атареб, град под контрола на бунтовниците тешко погоден од земјотресот, соопшти во петокот Сириската опсерваторија за човекови права.
Ројтерс не може независно да го потврди извештајот. Илјадници Сиријци кои побараа засолниште во Турција поради граѓанската војна во нивната земја, се вратија во своите домови во воената зона.