Живко Мукаетов очекувано доби нов четири годишен мандат на функцијата Претседател на Ракометната федерација на Македонија (РФМ).
На редовното годишно Собрание на клубови на РФМ, актуелниот претседател Мукаетов со акламација (гласаа сите 37 присутни делегати), беше реизбран на функцијата.
– Им благодарам на сите кои ми дадоа поддршка на мене и на мојот тим. Кога пред четири години дојдов на оваа функција ветив дека ќе се обидам македонскиот ракомет да функционира поинаку од претходно. Во тој четиригодишен период голем дел од предизвиците ги остваривме. Се радувавме на успесите, заедно се јадосувавме на поразите. Во текот на овие 48 месеци вложивме многу напори и ресурси за работа со младите категории кои треба да бидат база за идните репрезентации. Остануваме на истата патека, ќе работиме да бидеме континуирано присутни на големите настани и да го етаблираме ракометот како национален спорт во Македонија. Убеден сум дека за пет-десет години ќе бидеме горди на ова што го правиме, изјави претседателот на РФМ, Живко Мукаетов.
Потсетување дека во април минатата година, откако машката сениорска репрезентација не успеа да се квалификува на Олимписките игри во Рио, Мукаетов поднесе оставка како морален чин. Но, и тогаш членовите на Собранието едногласно ја одбија оставката давајќи му поддршка на Мукаетов.