Тренерот на Вардар, Веселин Вујовиќ, пред заминувањето за Данска на дуел со Алборг во ракометната Лига на шампионите, најави борбена игра на неговиот тим и обид да се изненади фаворизираниот противник.
– На првиот натпревар успеавме да ги запреме. Тие сигурно нема да ги повторат грешките од Скопје. Ќе трчаат многу. Посилни се во тој сегмент на играта. Поразот од Монпелје малку не загрижи сите. Некако, очекувањата и наши и на јавноста беа големи. Но, се покажа дека нема лесни противници во Лигата на шампионите. Вардар треба да направи многу работи за да се носи најдобрите европски екипи. Против данскиот тим мора многу да трчаме и да не им дозволиме лесни голови. Тоа им е најсилното оружје. Колку ќе успееме во нашите немари ќе видиме. Едно е сигурно, не одиме со бело знаме. Добар натпревар многу ќе ни значи пред дуелот со Кил во Скопје, изјави Вујовиќ.
Вардарци во Данска ќе бидат без голманот Борко Ристовски кој пријави здравствени проблеми.
Натпреварот со Алборг е закажан за утре (среда) во 18:45 часот.
По четири одиграни натпревари Вардар е на делба на 3. место во групата со 5 бода заедно со ПИК Сегед и Монпелје.