Францускиот фудбалски шампион Парис Сен Жермен победи во мечот од 2-то коло на националното првенство проти Бастија со 2-0 забележувајќи ја првата победа во новиот шампионат, но натпреварот остана во втор план засенет од инцидентот кој се случил во тунелот кон соблекувалните откако судијата отсвири крај.
Според извештаите на француските медиуми, напаѓачот на Бастија, Брандао, физички го нападнал Тијаго Мота и со удар глава во глава му го скршил носот на играчот од средниот ред на ПСЖ. Брандао, кој пристигна во Бастија на почетокот од август од Сент Етјен, наводно со намера го сочекал Мота во тунелот по што му го задал ударот.
Претседателот на ПСЖ, Насер ал-Келаифи потврди за медиумите дека на Мота му е скршен носот, барајќи доживотна суспензија за 34-годишниот Бразилец. „Брандао е дивјак и неговата постапка е за најстрога можна казна. Би требало доживотно да биде суспендиран, бидејќи тој не е фудбалер“, рече ал-Келаифи.
Инаку ПСЖ до првата победа сезонава дојде со головите на Лукас Мур во 26-та и Единсон Кавани во 57-та минута. Тренерот на парижаните, Лорен Блан по мечот не беше многу расположен, бидејќи уште во 15-та минута поради повреда мораше од игра да го повлече Златан Ибрахимовиќ. Засега не се знае колку е тешка повредата на шведскиот интернационалец.