Во 42. минута од натпреварот помеѓу Србија и Албанија на стадионот на ЈНА во Белград се случи инцидент поради албанското знаме. На три минути пред полувремето, над теренот влета дрон, управуван на далечинско, а на кој беше закачено знаме на кое беше претставена мапа на Голема Албанија.
Фудбалерот Стефан Митровиќ успеа да го дофати и да го симне знамето, по што му се нафрлија двајца албански фудбалери и дојде до физичка пресметка и општа гужва. По ова на теренот успеаа да влезат неколку навивачи, а судијата Мартин Еткинсон го прекина натпреварот и побара од фудбалерите да се повлечат во соблекувалните. Еден од навивачите, физички нападна албански фудбалер додека го напушташе теренот.
По подолга пауза од 50 минути, фудбалерите на Србија излегоа на теренот, но тоа го одби делегацијата но и играчите на албанската репрезентација. На официјалната страница на УЕФА се појави информација дека мечот е официјално прекинат, поради „вознемирувачки случувања на теренот“, и нема информации дали, кога и каде ќе биде одигран. По 42 одиграни минути, натпреварот заврши со резултат 0:0.