Најтрофејниот македонски кошаркарски клуб Работнички и актуелниот првак МЗТ Скопје Аеродром вечер од 19 часот во СЦ „Јане Сандански“ ќе го играат вечното дерби по што ќе биде комплетирано 5.коло од Првата лига.
За „лутите ривали“ ова ќе биде второ соочување сезонава. Пред почетокот на првенството, во финалето од Хуавеј Супер купот во Охрид, МЗТ Скопје Аеродром извојува убедлива победа.
Работнички од тогаш ангажира неколку квалитетни засилувања има многу подобар и поквалитетен тим, па може да се очекува понеизвесен дуел, иако фаворитската улога им припаѓа на домаќините.
Тренерот на аеродромци Алеш Пипан очекува добра кошаркарска претстава.
– Дуелот против Работнички е секогаш дерби. Тешко е однапред да се прогнозира кога се работи за овие дуели. Составија добар тим кој е спој на младост и искуство. Добро одморени се во периодот од нивниот последен меч, додека ние имавме тежок натпревар против Црвена Звезда. Не сакаме да бараме изговори, ќе бидеме мотивирани исто како и они. Играме на домашен терен, пред своја публика. Имаме ден-два да се подготвиме добро за оваа средба. Се надевам дека ќе одиграме еден добар меч и нормално очекувам победа, изјави Алеш Пипан пред натпреварот со Работнички.
Во досегашните 4 кола двете екипи имаат идентичен скор од по три победи и еден пораз и се на делба на втората позиција на табалета веднаш зад лидерот Карпош Соколи.