Репрезентацијата на домаќинот Чиле обезбеди пласман во финалето на „Копа Америка“ откако ноќеска со 2:1 во полуфиналето го совлада Перу. Двата гола за победникот ги постигна Едуардо Варгас и со вкупно четири погодоци изби на чело на листата на стрелци.
Најпрвин Варгас донесе водство за Чиле во 42.та минута од 1:0. Перу изедначи со автоголот на Гари Медел во 60.та минута, а Варгас четири минути подоцна по вторпат ја затресе мрежата на противникот.
Поради втор жолт картон на натпреварот, црвен картон доби Карлос Замбрано од Перу во 20.та минута и предноста од играч повеќе домаќинот знаеше да ја искористи.
Чиле досега четири пати ова натпреварување го завршувал на второто место, а последен пат во финалето играше 1987 година.
Во второто полуфинале вечерва играат Аргентина и Парагвај.