Актуелниот шампион во СЕХА лигата, Вардар на утрешниот дерби дуел против Мешков, кој е на програмата од 17:15 часот во СЦ „Јане Сандански“, ќе настапи без тројца играчи – Кристијан Дисингер, Вуко Борозан и Сергеј Горбок.
Германскиот ракометар доби повреда на саботниот натпревар против Монпелје во ЛШ. По прегледите констатирано е дека нема посериозна повреда, но тој чувствува болки, и затоа ќе одмора неколку денови.
Вуко Борозан и Сергеј Горбок се уште се опоравуваат, но нема да настапт утре против Мешков.
Тренерот на „црвено-црните“, Роберто Парондо, на пресот пред мечот изјави дека тимот немал многу време за да се подготви за овој натпревар, но како и секогаш, нивната цел е победа.
– Пред два дена, ја завршивме групната фаза во Лигата на шампионите и треба да се подготвиме за нокаут фазата. Исто така, ќе играме на Ф4 во СЕХА лигата, но дотогаш имаме уште 3 натпревари во кои ќе се обидеме да ја подобриме нашата игра и формата, изјави Шпанецот.
Десниот бек на вардарци, Димитри Кисељев пак очекува интересен дуел, кој е важен за двата тима.
-Знаеме дека Мешков Брест има добар квалитет и секогаш е тешко да се игра против нив. Тие се многу солидна екипа и имаат одлични поединци. Затоа, мислам дека утре ќе има многу интересен натпревар кој е важен и за Вардар и Мешков, кои постојано играат во СЕХА Лигата и Лигата на Шампионите, смета бекот на скопскиот тим.
Средбата против белорускиот шампион е последен за Вардар пред домашна публика во регионалната лига, а потоа следуваат гостувања кај Нексе и Извиѓач.