Холандскиот репрезентативец Рафаел ван дер Варт на новиот шампион во Бундес лигата, Баерн Минхен не му дава никакви шанси во Лигата на шампионите против Барселона.
Ван дер Варт кој моментно настапува за Хамбургер, за германските медиуми прогнозира дека баварците процентуално ќе имаат многу мал посед на топка.
– Барселона е апсолутен фаворит против Баерн кој нема што да бара во ова полуфинале. Дури и поседот на топката ќе биде во границите на 70-30 за каталонскиот тим. Тие практикуваат неверојатен систем за кој Баерн нема одговор, изјави Холанѓанецот.
Според него, клучната разлика меѓу Барселона и Баерн ја прави Лионел Меси. Првиот дуел од полуфиналниот двомеч меѓу Баерн Минхен и Барселона ќе се одигра на 23 април на „Алијанц Арена“ во Минхен.