Европската фудбалска федерација (УЕФА) соопшти дека нема добиено информации, кои би можеле да укажат на можен терористички напад на финалниот натпревар од Лига Европа што треба да се одигра утре во Стокхолм меѓу Ајакс и Манчестер Јунајтед.
– УЕФА со месеци тесно соработува со властите и со Фудбалската федерација на Шведска, а од самиот почеток предвидуваме и ризик од терористички напад. Дополнителни безбедносни мерки се преземени во Шведска по нападот во Стокхолм во април. УЕФА ги повикува навивачите што е можно порано да дојдат на стадионот, се вели во соопштението на УЕФА.
УЕФА изрази сочуство до семејствата на загинатите во експлозијата по завршувањето на концертот на американската пејачка Аријана Гранде во Манчестер каде загинаа 22 лица, а 59 други беа повредени.