Шефот на судиската комисија на УЕФА, Италијанецот Роберто Росети, застана во одбрана на судиите и ВАР технологијата околу големиот број досудени пенали во групната фаза од натпреварите на ЕУРО2020.
Судиите на вкупно 36 натпревари одиграни во групната фаза на Европското првенство досудија 14 пенали, што е двојно повеќе отколку на целото ЕУРО2016 година.
Два од вкупно 14-те пенали беа досудени на натпреварот што македонската репрезентација го одигра против Украина, при што пеналот против „црвено – жолтите“ беше донесен по консултација со ВАР собата во Нион.
– Пред воведувањето на ВАР технологијата имаше многу прекршоци во казнетиот простор, кои судиите не можеа да ги забележат. Сега тоа е невозможно, изјави Росети.
Тој напомена дека ВАР технологијата била користена во 179 случаи, при што судиите во 91.6 отсто донеле правилна одлука, а во 12 случаи судиски одлуки донесени на теренот биле коригирани.