Тренерот на Пари Сен Жермен беше дипломатски настроен кога го коментираше прашањето за однесувањето на фановите кон големата sвезда на тимот, Нејмар за време на натпреварот во Лига 1 против Стразбур.
Тимот од Париз победи токму со голот на Нејмар во додаденото време на натпреварот, кој беше негов прв во сезоната. За време на средбата, сепак, навивачите на францускиот шампион изразија незадоволство од големата сага за иднината на напаѓачот, која се одвиваше во текот на летото.
Сепак, германскиот тренер Тухел реши да не ја вжештува дополнително ситуацијата, претпоставувајќи дека навивачите имаат право да бидат вознемирени.
– Не сакам да проценам дали реакцијата кон Нејмар беше премногу остра, бидејќи на крајот на краиштата, тие се наши навивачи и не им беше лесно за време на трансфер прозорецот. Фановите го сакаат клубот. Мораме да прифатиме дека при слични ситуации реакциите на луѓето може да бидат токму такви. Не знам дали тоа ќе продолжи. Ќе мора да видиме и да се прилагодиме, изјави Тухел по мечот.