Македонската кошаркарска федерација (МКФ) за мајсторката од финалето на плеј офот што ќе се игра утре меѓу МЗТСкопје Аеродром и Карпош Соколи одлучи да делагира судии од Турција.
Воедно по овој дуел ќе биде познат и шампионот на Македонија во кошарка за оваа натпреварувачка сезона. Судии на натпреварот ќе бидат: Мехмет Кесератар, Фатих Арсаноглу и Мехмет Карабилечен.
По повод ваквата одлука МКФ излезе и со соопштение за настаната ситуација во кое се вели:
– Македонската кошаркарска федерација по претходна согласност на клубовите МЗТ Скопје Аеродром и Карпош Соколи донесе одлука, последниот натпревар од финалната серија во плејофот од тековната натпреварувачка сезона правдата да ја делат прволигашки арбиртри од Турција.
Оваа одлука е донесена, пред сè, со цел да се заштитат арбитрите т.е. официјалните лица од Република Македонија. Во текот на оваа натпреварувачка сезона особено со наближувањето на крајот на првенството, домашните судии постојано беа изложени на ризик во спортските сали ширум републиката и неретко беа жртви на фрлање на тврди и на меки предмети од страна на присутните лица како и на навреди упатени кон нив и плукање.
Македонската кошаркарска федерација не само што сака да ги заштити судиите кои би биле официјални лица на овој натпревар од какво било попречување во вршење на службената должност туку и во исто време, сака да избегне какви било обвинувања од страна на кој било учесник или актер на овој натпревар дека арбитрите “протежирале“ некој од клубовите и дека одлуките на паркетот ги носеле пристрасно и необјективно – тема која често е главна низ кошаркарските кулоари и медиуми.
Последниот натпревар од финалната серија се игра утре 24. мај со почеток во 18 часот во СЦ „Јане Сандански“.