Легендарниот фудбалер на Рома, Франческо Тоти синоќа во Монте Карло ја доби наградата за извонредни достигнувања во светот на спортот.
– Не го очекував ова. Ова е меѓународно признавање кое го примам со широко отворени раце. Ова е признание кое покажува дека јас сум сторил нешто добро во мојата кариера. Среќен сум затоа што поминав 25 години од својата кариера во Рома. Најголемата награда за мене беше да ја поминам целата кариера во ист клуб. Тоа беше нешто што го сонував како дете. Исто така, имав некои добри моменти и со националниот тим, изјави Тоти.
Тој ја отфрли можноста да се вклучи во тренерската професија.
– Се разбира дека страдаш кога гледаш од трибините, а не можеш да помогнеш. Тоа е многу тешко. Се сеќаваш на многу работи што би можел да ги направиш, а не можеш. Сепак не се гледам во тренерската работа. И Гатузо ме советуваше да не одам во тренери, откри Тоти.
Фудбалската кариера на Тоти траеше речиси 25 години. За Рома настапи на 619 натпревари и постигна 250 голови.