Легендарниот фудбалер на Рома, Франческо Тоти вчеравечер го одигра последниот свој професионален натпревар во дресот на „римската волчица“.
Тоти кој во игра влезе во второто полувреме, со победа над Џенова (3:2) ја заврши богатата кариера. Тој имаше емотивен говор при последното обраќањето кон навивачите во улогата на фудбалер.
– Дојде и моментот кога треба да се повлечам. Брзо летнаа годините, а би сакал тој 17 јуни 2001 година да трае вечно. Беше како бајка, а ова сега е најлош дел. Им благодарам на моите соиграчи, тренери, менаџери, претседатели, сите римјаните и на навивачите на Рома и секако на семејството кои беа со мене во текот на целата кариера. Да се биде роден во Рим како „Романист“ е привилегија. Можеби веќе нема да можам да ве забавувам со нозете, но моето срце секогаш ќе ви биде на располагање, изјави долгогодишниот капитен на Рома.
40-годишниот Тоти за Рома настапуваше од 1993 година. Рома беше единствениот негов клуб во кариерата, одиграл вкупно 786 официјални натпревари и постигнал 307 голови. Освои една титула шампион на Италија и вкупно пет други трофеи.