Германскиот фудбалер Томас Милер денеска потпиша нов договор со челниците на Баерн, објави клубот од Минхен на својата официјална веб-страница.
Како што беше најавено, Милер (34) му ветил верност на Баерн до јуни 2025 година, што практично значи дека кариерата ќе ја заврши во клубот од Минхен. Милер е дете на Баерн, а за првиот тим дебитираше уште во 2008 година, како 19-годишник.
За најтрофејниот клуб во Германија одигра 684 натпревари во сите натпреварувања и постигна 237 голови.
Со Баерн освои по два купа во Лигата на шампионите, Светското клупско првенство и Суперкупот на УЕФА, како и 12 титули во германскиот шампионат и шест домашни купови, што го прави еден од најтрофејните играчи на Баерн во историјата.
Милер за германската репрезентација одигра 126 натпревари и постигна 45 гола, а се уште е репрезентативец и се очекува да ги претставува популарните „панцири“ на Европското првенство кое следното лето ќе се игра во Германија.