Екипата на МЗТ Скопје Аеродром вечерва во меч од 3. коло од АБА-лигата го пречекува Задар кој ги загуби двете средби на стартот на новата сезона.
Тренерот на македонскиот шампион побара поголем ангажман од сите кои ќе добијат шанса да настап против хрватскиот преставник.
– Задар е екипа која на неодамнешното гостување во Подгорица кај Будуќност покажа дека може да игра кошарка на високо ниво. Има неколку опасни поединци на кои е базиран нивниот систем во нападот. Ние изминатиов период работевме напорно на отстранување на грешките од првите две средби во АБА-лигата. Очекувам да прикажеме многу подобра игра и пред се залагање, особено во однос на средбата против ФМП во Белград, изјави тренерот Александар Тодоров.
Ова ќе биде 11. дуел на овие две екипи во АБА-лигата, а досегашниот меѓусебен скор е 5-5 со тоа што МЗТ Скопје доминираше во периодот од 2012 до 2014 со скор 4-1 додека задрани вратија на идентичен начин во следните пет средби.
Натпреварот МЗТ Скопје – Задар е закажан за 18 часот во СЦ „Јане Сандански“.