Македонскиот кошаркарски шампион, екипата на МЗТ Скопје Аеродром минатата недела ги одигра првите три пријателски средби во пресрет на новата сезона. На гостувањето во Истанбул, избраниците на тренерот Александар Тодоров загубија два меча од домаќинот Бујукчекмече и загребска Цибона, додека беа подобри од турскиот второлигаш Бакиркој баскет.
Тренерот Тодоров е делумно задоволен од прикажаното, но смета дека има уште работи кои во следниот период ќе мора да се исправат.
– Сметам дека како за први натпревари покажавме дека имаме компетитивна екипа. Нормално, ги видовме и проблемите и предностите кои ќе ги имаме во претстојната сезона и тоа е нешто на кое ќе обрнеме внимание во тренинзите во наредниот период. Во секој случај, задоволен сум што можевме да одиграме контроли со два силни тима, на еден турнир организиран на високо ниво. Веќе добивме покана и следната година да бидеме дел од овој традиционален турнир, кој планираат од следното издание да го направат со шест екипи, изјави Тодоров за официјалната веб страница на клубот.
За разлика од претходните во новата сезона МЗТ Скопје Аеродром во своите редови ќе има повеќе македонски кошаркари, од кои ќе се очекува да го понесат товарот како во домашното првенство, така и во АБА конкуренцијата.
– Мојот концепт е да се игра со претежно домашни играчи во ростерот, иако многумина ме советуваа дека тоа е пат во сигурен неуспех. Она што се виде во Турција е фактот дека домашните играчи во изминатите години биле само една бројка за пополнување на составите на своите екипи и затоа сега, кога од нив се бара да преземат одговорност, тоа ќе преставува еден голем проблем, барем до оној момент кога ќе успеат да ја надминат таа бариера. Но, сигурен сум, а особено по она што и се случи на репрезентацијата во претквалификациите за СП 2019, дека тоа е единствениот пат по кој мора да се помине, за да во некое скорешно време се вратиме на завршниците на големите натпреварувања. Нормално, ќе помогне бројот од два домашни играчи на терен во домашното првенство, иако сметам дека тој треба да се зголеми на три. Но, што правиме во поквалитетните европски или балкански натпреварувања, каде што повторно ќе гледаме по петмина странци во петорка, изјави Тодоров.
Тимот на МЗТ Скопје денеска и утре ќе тренира во салата „Јане Сандански“ по што задутре ќе замине за Бугарија на пријателски средби со прволигашите од оваа земја, Левски и Лукоил.