Левиот бек на македонскиот и актуелен европски првак Вардар, Филип Талески, посакува поволен резултат на гостувањето кај Мешков Брест во првото коло од новата сезона во Лигата на шампионите.
– Играме со позната екипа со која Вардар се соочувал со години. Се знаеме многу добро со нив. И лани игравме со нив и во СЕХА и во ЛШ. Максимално сме подготвени. За нив ќе биде предност домашниот терен и поддршката што ќе ја имаат од публиката. Веќе се продаваат карти. За нас ќе биде малку чудно, што по подолго време ќе играме натпревар со публика. Сепак, Вардар е Вардар и тимот покажа дека изминатите години и дома и на гости го дава максимумот. Се надевам дека новата сезона ќе ја отвориме со добар резултат, изјави Талески.
„Црвено-црните“ денес ќе отпатуваат за Белорусија каде утре во Брест против Мешков ќе го играат првиот меч во новата сезона од ЕХФ Лигата на шампионите.