Директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски се сретна со Националниот програмски офицер на ОБСЕ мисијата во Скопје Јасмина Тодоровска – Митева, на која, како што информираат, било истакнато дека еден од приоритетите е подобрување на функционирањето на локалните младински совети како претставнички тела на младите.
На средбата, како што информираат од АМС, било посочено задоволството од фактот што Агенцијата повторно става главен акцент на младите луѓе и решавањето на младинските проблеми.
Во процес на подготовка е прирачник за функционирањето на локалните младински совети. Целта е да се подобри работата на овие претставнички тела, полесно да се детектираат младинските проблеми на локално ниво и да се изнајдат решенија, се вели во соопштението.
Каевски на средбата ја потенцирал важноста од вклучување на сите страни во креирањето на младинските политики, бидејќи според него само така има вистински решенија за сите.
На средбата било разговарано и за идната соработка меѓу Агенцијата за млади и спорт и ОБСЕ. Националниот програмски офицер на ОБСЕ Мисијата во Скопје, Јасмина Тодоровска – Митева истакнала дека во АМС гледаат стратешки партнер, како институција која треба да работи со младите.