Спортска делегација од Србија предводена од претседателот на Асоцијацијата на спортските центри на Србија Неѓелко Миловиќ, денеска ја посети Агенцијата за млади и спорт (АМС).
Како што соопштија од АМС, на средбата со директорот Марјан Спасески било разговарано за повеќе теми од спортот и спортските активности на двете соседни држави.
– Главен акцент беше ставен на плановите за меѓудржавна соработка во областа на спортот, пред се на работничките спортски игри, училишните игри како фактор на кој обете држави посветуваат големо внимание, како и користење на спортски центри за одржување на припремни подготовки, се наведува во соопштението на АМС.
Гостите изразиле подготвеност за соработка на сите полиња на спортот прецизирајќи ја важноста на менување искуства на професионалните спортски работници. Ја нагласиле и потребата за одржување на спортски игри од најмладите категории на меѓународно ниво како предуслов во вистинска селекција на таленти и добивање на масовност кај децата кои се занимаваат со спорт.