Португалскиот фудбалски великан Спортинг Лисабон одбива да плати 10 милиони евра пенали што ги бара српскиот тренер Синиша Михајловиќ за предвремен раскин на договорот.
Михајловиќ беше ангажиран од старото раководство на „зелено-белите“ и при промена на управата доби раскин на договорот по само девет дена поминати во Лисабон.
– Немам ништо против него, но тој никогаш не освоил ништо и не е голем тренер, за разлика од тоа што беше добар фудбалер. Кај нас беше на пробна работа од 15 дена и нема да му платам 10 милиони надоместок. Уште на почетокот почна да прави грешки, бараше да ја смени локацијата на подготовките и да платиме 300.000 евра повеќе, изјави новиот претседател на клубот Соуса Синтра.
Михајловиќ пред околу еден месец потпиша тригодишен договор со Спортинг вреден 6 милиони евра. Во тренерската кариера работеше и во Болоња, Катанија, Фиорентина, Сампдорија, Милан и Торино.