Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески од денеска е во работна посета на Азербејџан каде што во следните три дена ќе присуствува на Глобалниот форум за младински политики организиран од Обединетите нации, УНДП, УНЕСКО, Советот на Европа и Министерството за млади и спорт на Република Азербејџан.
Станува збор за прв глобален форум од ваков вид, кој на едно место ќе собере повеќе од 700 политичари, претставници на младински и невладини организации, експерти, младински активисти, парламентарци и претставници на агенциите при ОН.
На форумот ќе се дискутира за младинските политики, како и за одредбите кои произлегуваат од Светската програма на млади во акција, а дискутантите ќе можат да споделат искуства во однос на мерките и активностите кои ги преземаат во своите држави по однос на ова прашање.
Спасески ќе има и билатерални средби со министри за млади и спорт од неколку држави.