Најпознатиот шпански оперски пејач Пласидо Доминго најави одржување на концерт на 11 јули во Олимписката арена во Рио, во пресрет на финалниот дуел од Мундијалот закажан за два дена подоцна.
Специјални гости со настап на концертот на шпанскиот тенор ќе бидат сопранот Ана Марија Мартинез и пијанистот Ланг Ланг, а со симфонискиот оркестар на Бразил ќе раководи диригентот Еуген Кон.
73-годишниот Доминго настапувал на сите Светски првенство од 1974 наваму. Тој на шампионатот во Шпанија 1982 година ја отпеа „Ел Мундијал“.
На својот репертоар Доминго има преку 130 улоги. Заедно со Лучијано Павароти и Хозе Карерас пред финалето на СП во Италија 1990 година го реализираа концертот „Трите Тенори“.