Репрезентацијата на Словенија е првата која обезбеди пласман во финалето на Европското кошаркарско првенство, чија завршница се игра во Истанбул.
Во првиот полуфинален натпревар, кошаркарите на Словенија го совладаа актуелниот шампион Шпанија со убедливи 92-72, со што се избори за ново финале на континенталното првенство.
Капитенот Горан Драгиќ и натурализираниот Ентони Рендолф средбата ја завршија со по 15 поени, додека на 18-годишниот Лука Дончиќ му недостасуваа две асистенции да оствари „трипл-дабл“. Младиот член на Реал Мадрид покрај осумте асистенции имаше и 11 поени и 12 скокови.
За Словенија ова е и прво финале на завршницата на Европските првенства, а воедно тоа ќе биде и прв медал од континенталните собири. Словенците ја продолжија победничката серија на шампионатот сега веќе на осум натпревари, додека за Шпанија ова беше првиот пораз.
Кој ќе биде противник на Словенија во финалето закажано за в недела ќе се знае вечер, по одигрувањето на вториот полуфинален меч меѓу Русија и Србија.