Тренерот на Атлетико Мадрид Диего Симеонe не можеше да го води тимот во реваншот од полуфиналето на Лига Европа против Арсенал, но ја преживеа секоја секунда од победата со 1:0 над Арсенал, која ги испрати „јорганџиите“ во финалето во Лига Европа.
По успехот Чоло не го криеше задоволството од претставувањето на фудбалерите.
– Радосни сме дека се пласиравме во финалето. Во првиот натпревар имавме проблеми, а Јан Облак беше неверојатен. Така прават големите играчи – се докажуваат во најважните натпревари, а нивните соиграчи се стремат да се на нивно ниво, изјави Симеоне по мечот.
Аргентинецот ја пофали одбраната на својот тим и начинот на кој успеаја да се справат со нападот на Арсенал. Посебна заслуга му оддаде на Витоло, кој неодамна се приклучи на тимот.
– Ернандез го чуваше Озил и не му дозволи да направи ништо. Томас пак го неутрализира Дани Велбек. Витоло е на ниво од самиот почеток. Сите го прифатија многу добро, а и знаевме што да очекуваме од него. На Облак и Гризман им беа потребни неколку месеци за да се вклопат во тимот, а тој го направи тоа веднаш, истакна тренерот на Атлетико.