Само 79 минути му беа потребни на Тенис Сандгрен за да го надигра Камерон Нори во финалето на „ЕјБиСи Класик“ во Оукленд. Американецот го совлада британскиот противник со 6-4 6-2 и со тоа ја освои својата прва титула!
Досега 63-тиот во светот играше само едно финале – во Хјустон во 2018.
Во Оуклeнд тој ги отстрани Максимилијан Мартерер, Марко Чекинато, Леонардо Мајер и Филип Колшрајбер пред да се справи беспрекорно со Нори и да триумфира со трофејот. Ова беше трета победа на Сандгрен над Британецот од вкупно 7 натпревари меѓу нив, со што го спречи Нори исто така да ја освои првата титула во своето прво финале.
Американецот освои 76 отсто од поените на прв сервис и направи 17 неизнудени грешки при 29 за противникот.
– Немам зборови. Многу работа, многу тренинзи, многу жртви се прават само за да се стигне до финишот. И да победам таму … немам зборови, рече возбудениот Сандгрен, кој играше четвртфинале на Австралија Опен 2018 година.