Поранешниот долгогодишен француски репрезентативец Франк Рибери, кој е слободен играч откако му истече двегодишниот договор со Фиорентина, уште извесно време ќе продолжи да игра професионален фудбал и со 38 години ќе го засили новиот италијански прволигаш Салернитана, јавија денеска локалните медиуми.
„ФРТ“ ќе пристигне в понеделник на задолжителните медицински прегледи, а потоа ќе потпише договор што ќе го „врзе“ со Салернитана на една година, со можност соработката да биде продолжена за уште сезона, најави весникот „Кориере дело Спорт“.
Најавата за трансферот на Рибери ја потврди и спортскиот директор на Салернитана, Анџело Фабијани.
– Со своето искуство (Рибери) може да биде корисен во нашиот развој. Може да ја предводи екипата на теренот и да му помога на тренерот. Играњето заедно со некој како него секогаш ги поттикнува и другите да го даваат најдоброто од себе, изјави Фабијани.