Ракометната федерација на Македонија (РФМ) денеска и официјално го раскина договорот со досегашниот селектор Лино Червар кој во иднина ќе ја предводи Хрватска.
По разрешувањето на Червар на негово барање, тричлена комисија на РФМ започна разговори со кандидатите за негова замена. Како најсериозен кандидат за наследник на Хрватот на клупата на Македонија се споменува името на Раул Гонзалес, актуелниот тренер на Вардар.
Управниот одбор на РФМ на денешна седница го потврди новиот мандат на Филип Милошевски на функцијата генерален секретар во федерацијата.
На седницата беа прифатени и одлуките за исплатата на премијата на сениорската машка репрезентација од 30 илјади евра за настапот на СП, и за ослободувањето од судиски и делегатски такси на клубовите во младинските категории.