Удинезе во 28. коло од италијанската Серија А ја дочека екипата на Рома, а овој дуел заврши без победник со резултат 1:1.
Рома добро го отвори натпреварот и беа нешто поконкретен противник во воведните минути. Во 20. минута ја имаа и првата голема можност. Флоренци се најде еден на еден против голманот на Удинезе, но Бркиќ беше поуспешен. Сепак веќе во наредниот напад Рома дојде до предност. После нафрлувањето од десната страна, Флоренци ја погоди пречката, а во продолжението од акцијата Ерик Ламела ја погоди мрежата на домаќините и предност на „Волчицата“ од 1:0.
Во продолжението од натпреварот Рома ги затвори сите приоди кон голот на Стекеленбург и им ја препуштија средината на теренот на фудбалерите на Удинезе, а тие својата шанса ја чекаа преку контранападите. Удинезе меѓутоа не успеја да создаде посериозна можност пред голот на Рома, па на полувремето резултатот гласеше 1:0 за гостите.
Удинезе во продолжението напаѓаше многу поопасно, а до израмнување стигна во 62. минута. Луис Муриел одлично помина по левата страна, и го совлада Стекеленбург на кој топката му помина помеѓу нозете.
Томас Хуерто во 73. минута заработи црвен картон по што Удинезе мораше да игра со играч помалку до крајот на натпреварот. Но, екипата од Рим не успеја да ја искористи бројчаната предност на теренот па натпреварот заврши со резултат 1:1.