Шпанскиот голман Пепе Реина во следните три сезони ќе биде член на бундеслигашот Баерн Минхен.
Последната сезона Реина ја мина како позајмен играч од Ливерпул во Наполи и беше клупски колега на нашиот Горан Пандев.
По истекот на позајмицата Реина се врати во својот клуб Ливерпул, но повторно не успеа да се наметне кај менаџерот Брендан Роџерс.
– Воодушевен сум што дојдов во еден од најголемиот клубови во светот. Ова е важен момент во мојот живот, за официјалната интернет страница на Баерн изјави Реина.
Шпанецот неколку сезони беше прв голман на Ливерпул, но откако лани беше купен Симон Мињоле го загуби местото на голот. Се очекува Реина да биде резерва и во Баерн, каде сигурно место на голот има германскиот репрезентативец Мануел Ноер.
Покрај Ливерпул и Наполи, Реина има настапувано и за Виљареал и Барселона, додека со репрезентацијата на Шпанија има две титули европски шампион и една светски првак.