Работнички со максимални 3:0 во полуфиналната серија против Куманово обезбеди пласман во финалето од плејофот.
Екипата од „Градски парк“ на домашниот терен славеше со 81:65 во третиот меѓусебен дуел.
Работнички не дозволи изненадување и уште во почетокот на натпреварот воспостави контрола на теренот. Тоа се одрази резултатски и избраниците на Марин Докузовски на крајот од првата четвртина имаа предност од 15 поени (24:9).
Гостите до крајот на натпреварот ја намалуваа предноста, но недоволно за резултатски пресврт.
Најефикасни кај Работнички беа Маркус Гинјард и Шон Еванс со по 17 поени, а Бобан Стајиќ со 15 поени беше најдобар стрелец кај Куманово.
Работнички во финалето ќе игра со победникот од втората полуфинална двојка, меѓу МЗТ Скопје и Блокотехна, каде актуелниот резултат е 2:1 за „штрковите“.