Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром ја забележаа првата гостинска победа сезонава во АБА-лигата, откако синоќа ја совладаа екипата на Унион Олимпија во Љубљана со 91:72.
Ова беше убедливо најдобрата партија на „аеродромци“ во која сите кошаркари што се појавија на паркетот во салата „Стожице“ одговорија на задачите од тренерот Анте Назор, а триумфот е позначаен, бидејќи е остварен без Шарлон Клоф, кој не настапи поради повреда на препоните. Нападот беше феноменален, а одбраната агресивна во текот на целиот меч.
МЗТ Скопје го контролираше резултатот сите 40 минути и на крајот заслужено дојде до седмата победа во 21. коло од регионалното натпреварување, извонредно значајна во борбата за опстанок.
Дури пет играчи во „сино-белиот“ состав имаа двоцифрен поентерски учинок, а предводник беше Ксавиер Темс, кој со 21 поен, три скока и четири асистенции со што потврди дека се враќа на нивото на кое беше пред да замине во САД по смртта на својот татко. Одлични беа и Ѓорѓе Дреновац со 17 поени, четири скока и пет асистенции, Џош Скот со 15 поени, осум скока, четири асистенции и четири блокади како и новодојдениот Девон ван Острум кој средбата ја заврши со 15 поени, четири скока и три асистенции.
Табела по некомплетното 21.коло: Црвена звезда 20-1 (победи-порази), Партизан 16-5, Цедевита 15-6, Будуќност 14-6, Цибона 11-9, Игокеа 10-11, Олимпија 9-11, Карпош Соколи 9-12, ФМП 8-13, Морнар 7-14, Мега 7-14, МЗТ Скопје 7-14, Крка 7-14, Задар 6-15.
Шансата за трета победа во низа македонскиот шампион ќе ја има в недела кога во Скопје гостува тимот на Крка.