Промовирано првото истражување за мониторинг на работата на Агенијата за млади и спорт

Од:

Младински образовен форум денес го промовираше истражувањето „Мониторинг и унапредување на работата на Агенцијата за млади и спорт“ со фокус на Агенцијата како носител на креирањето и спроведување на младинските политики. На настанот говореа: Сафет Незири од Министерството за образование и наука, Младен Фрчковски од Минстерството за труд и социјална политика, Матеј Маневски од Центар за интеркултурен дијалог, Горан Ѓорѓиев од Сојуз на извидници на Македонија, Гордана Цекова од АМС, Мартина Илиевска и Александра Филипова од МОФ.

Според истражувањето за перидот 2014-2016г, соработката помеѓу Агенцијата за млади и спорт (АМС) и другите институции била на ниско ниво. Имало малку заеднички проекти и нема уредна документација за активностите. Агенцијата имала константна соработка единствено со МОН и одредена соработка со МИОА, АВРМ и Министерството за култура. Со Министерството за локална самоуправа немало соработка, додека Агенцијата за администрација и МТСП не располагале со информации за соработка со АМС.

Соработката со младинските организации била посебно слаба. Во минатите години агенцијата делувала сегрегирачки кон младинските органзации и соработувала само со малку од нив. Од 2014 до 2016 Агенцијата имала потпишано само 11 меморандуми со 6 организации што е мал број за период од три години. Односот на агенцијата кон младите и општата јавност придонел да биде перцепирана како „агенција за спорт“ која ги исклучува младите од своето делување.

Правна рамка за млади речиси и да не постои. Освен Националната стратегија за млади, нема правен акт ги уредува прашањата во областа „млади“. Креирање на Закон за млади или Закон за младинско учество е клучно за да регулираат правните празнини, а Агенцијата да добие јасни насоки за да може успешно да ги исполнува своите цели и приоритети.

Според препораките на истражувањето Агенцијата треба да го зајакне секторот млади, да ја ревидира стратегијата за млади и да започне квалитетен процес за креирање на акциски план за млади за 2018-2019. Агенцијата треба воспостави и модели за поддршка на младинските организации.

„Знам дека не ги задоволуваме барањата на младите во нашата држава од причина што ни во оваа ни во претходната влада не се приоритет младинските проекти, но тоа не значи дека соработката со невладиниот сектор треба да застане, туку дека треба да се најдат соодветни начини за идна успешна соработка. “ – Кажа Гордана Цекова од АМС.

„Нашите препораки се во иднина Агенцијата да ја зајакне транспарентноста кон јавноста, преку објавување на извештаи, програми, планови и информации за тековни активности. Важно е да има систем за соработка меѓу Агенцијата за млади и спорт, младинските организации и други институции, за координирано и систематски да работат на полето на младите. “ – вели Мартина Илиевска од МОФ.

Истражувањето е реализирано во периодот јуни 2017 – јануари 2018, со фокус на соработка со младински организации, соработка со државни институции, правна рамка, внатрешно уредување и работење и перцепцијата на младинските организации и младите.

Проектот „Мониторинг и унапредување на работата на Агенцијата за млади и спорт“ е реализиран од страна на Младински образовен форум во периодот од јуни 2017 до јануари 2018 година. Проектот е поддржан од проектот “Граѓанска алијанса за транспарентност – Набљудување на процесот на реформи на јавната администрација од страна на граѓанските организации”, имплементиран од “Фондација Отворено општество – Македонија” (ФООМ) и “ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии”, и е финансиски поддржан од Европската унија во рамки на IPA Civil Society Facility and Media Programme 2015.

Би можело да ве интересира

ВМРО-ДПМНЕ: Милионерот Каевски ја злоупотребил позицијата како директор на АМС

А1он

За злоупотреби на ваучерите поднесено обвинение против дванаесетмина

МОК бара разрешување на Мојсоски и замрзнување на доделувањето спортски ваучери

Ана Ололовска

ВИДЕО: Премиерот Ковачевски му врачи стипендија на младиот пливач Марко Пејчиновски

Ана Ололовска

ВИДЕО: Преку ваучерскиот систем спортистите имаат сигурен партнер

Ана Ололовска

Крива Паланка ќе добие нова фитнес зона

Ана Ололовска