Американката Серена Вилјамс и Германката Анџелика Кербер ќе играат во финалето од годинашното издание на Грен слемот Австралија Опен.
Првата носителка и најдобра светска тенисерка во моментов, Вилијамс беше убедлива во полуфиналето со Агњешка Радванска. Таа ги доби двата сета, првиот без изгубен гем (6:0), а вториот со 6:4.
Американката до сега шест пати победувала во Мелбурн, а со евентуален седми трофеј на Австралија Опен ноќта петок кон сабота, ќе се изедначи со Штефи Граф по освоени Грен слем титули (вкупно 22) и ќе дојде на само две до рекордерката Маргарет Корт која има 24 трофеи од големите турнири.
Противничка на Вилијамс во финалето ќе биде Кербер која изутрина во второто полуфинале ја победи Британката Јохана Конта со 7:5 и 6:2.