Планинарска акција „Зимско искачување на Чупино Брдо“

Од:

Четириесет љубители на планината имаа можност да уживаат во убавините на Осоговските Планини на денешната акција за зимско искачување на врв Чупино Брдо во организација на Здружението за планинарење и заштита на планината „Калин Камен“, Крива Паланка.

– Чупино Брдо се наоѓа на Осоговските Планини, на 1700 метри надморска височина. Стартот на акцијата беше плоштадот во Крива Паланка, оттаму се упативме кон село Луке од каде официјално започна акцијата. Се искачувавме 19 километри, а висината на снежната покривка изнесуваше над 60 сантиметри, изјави Теодор Јовановски од ЗПЗП „Калин Камен“.

Според годишниот план за 2017 планирано е да бидат реализирани 45 акции.

– Би ја издвоил акцијата за искачување на Руен, со можност за продолжување, преку Царев Врв-Калин Камен и Крива Паланка, во должина од 44 километри, а планираме и т.н „Осоговски маратон“ кој ќе биде долг 120 километри, од рудник Тораница до Пониква во Кочани. За најспремните планирано е искачување на Олимп, а тука се и искачувањата на Триглав, седум дена на Пирин Планина во Бугарија, како и акција за искачување на Титов Врв, додаде Јовановски.

Во тек е зачленувањето на планинарите за 2017 година. – Најмладиот активен планинар има само шест години, а највозрасниот 56. Она што го нуди членството во ваков тип организации е непроценливо: авантура, забава, нови познанства, освојување нови пространства и најважно од се, пријателства кои траат цел живот, рече Јовановски.

Би можело да ве интересира

Полицијата ги пронајде планинарите кои се изгубија во тетовско

Во несреќен случај во Албанија, загина жена од Осиек

Македонски планинари го искачија Аконкагва, највисокиот врв во Јужна Америка

Евакуирани се планинарите кои останаа заглавени во Националниот парк Триглав

Трајно укината станицата над Богомила оти возот губел залет на угорнина: Жителите под Солунска глава и планинарите останаа без превоз

A1on

Стотина планинарки и планинари се искачија на Димев Врв на Пелистер

Ана Ололовска