Македонскиот каратист Емил Павлов со бронзен медал се врати од Европското првенство кое од 28-31 март се одржа во Гвадалахара, Шпанија.
– Континуитетот на освојување на медали од Европските првенства е мотивација плус кон остварување на мојата животна желба, а тоа е пласман на Олимписки игри. Моето учество на европските игри во Минск ќе го трасираат мојот пат кон Токио, и јас искрено се надевам дека ќе го поминам, изјави Павлов на денешната прес-конференција во Агенцијата за млади и спорт.
Тој додаде дека неговиот успех е успех на еден огромен тим составен од личен, кондиционен тренер, селектор, федерација која стои зад него, како и МОК и Агенцијата за млади и спорт, без кои не е можно да се оди во нагорна линија.
Директорот на АМС Дарко Каевски имаше само пофални зборови за настапот на Павлов и другите репрезентативци на ЕП.
– Успешниот настап на нашите каратисти е уште еден доказ за нагорната линија по која оди спортот во држава, но и потврда дека каратето е спорт од кој најмногу очекуваме, и спорт кој ги подига спортските стандарди. Патеката по која се движат нашите каратисти води кон Токио, и јас искрено се надевам дека истата успешно ќе ја поминеме, со заеднички залагања, истакна Каевски.