Откажан е Меѓународниот кошаркарски камп во Делчево. Од кошаркарскиот клуб Клубски Патриот кој е организатор на настанот, информираа дека причината за откажувањето е зголемениот број случаи со Ковид-19 во Делчево.
– Кошаркарскиот клуб „Клубски Патриот“ ги информира сите љубители на кошарката дека традиционалниот Меѓународен кошаркарски камп „Делчево 2020“ кој веќе 25 години се одржува и е своевиден бренд на кошарката во градот се откажува. Поради новонастанатата ситуација сакаме да ги заштитиме учесниците, поради што го откажавме целиот настан, истакна организаторот.
Кампот како што додадоа од екипата ќе се одржи со првото подобрување на состојбата со Ковид-19.
– На кампот имавме покането врвни тренерски имиња кои требаше да го пренесат своето искуство на младите кошаркари и кошаркарки кои секогаш се желни да научат нешто повеќе за овој спорт. Но што е тука е, со нови сили се надеваме дека ќе го одржиме кампот во блиска иднина и најавените учесници ќе ги донесеме во Делчево, со подобрување на состојбата со пандемијата, додадоа од клубот.
Оттаму најавија дека првиот можен датум за одржување на Меѓународниот кошаркарски камп „Делчево 2020“ е во месец декември годинава.