Компанијата „Нисан“ ја објави првата „тизер“ фотографија, со што овој јапонски производител ја најави втората генерација на својот електричен модел.
По седум години, колку што минаа од лансирањето на првата генерација на „Леаф“, дојде време за новиот модел на струја на „Нисан“.
Судејќи според фотографијата на која се гледа детал од светлата на автомобилот, новиот „Леаф“ има многу помодерен дизајн од претходникот, што досега се продаде во повеќе од 260.000 примероци низ цел свет.
Официјалните технички детали не се познати, но се очекува „Нисан Леаф“ за 2018 година да биде достапен во две верзии со литијум-јонски батерии од 40 квч и од 60 квч. Моделот со батерии со поголем капацитет би требало да има автономија поголема од 500 километри со едно полнење.
Порано, првиот човек на компанијата, Карлос Госн, потврди дека „Леаф“ ќе има некој вид автопилот што „Нисан“ го нарече ПроПилот. Оваа технологија овозможува автомобилот на автопат да се движи без помош на возач.
„Нисан“ најави дека во текот на летото постепено ќе го открива изгледот на новата генерација на моделот „Леаф“ преку тизер фотографии пред официјалната премиера на ова возило што најверојатно ќе се случи на авто-салонот во Франкфурт, во сепември.