Тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Анте Назор изрази задоволство по синоќешниот триумф на гостување кај Унион Олимпија, првенствено поради важната победа на неговиот тим во битката за опстанок во АБА-лигата, но и поради начинот на кој беше дојдено до атриумфот.
Хрватскиот стратег на прес-конференцијата по натпреварот играта на неговите избраници ја опиша како нешто најблиску до идеалната која тој ја посакува.
– Ова беше прва средба откако сум дојде во клубот да одиграме приближно онака како што јас посакувам и како што замислував дека МЗТ Скопје Аеродром треба да игра под моја команда. Имавме многу проблеми, но се надевам дека ќе можеме да продолжиме да играме во ист ритам како вечерва и во нападот и во одбраната. Овој тим има квалитет, но требаше да почне посилно да игра во дефанзивата и да го пронаоѓа тоа екстра додавање во нападот кое најчесто е половина кош. Во подготовката за оваа средба рековме дека треба да ја добиеме битката под кошевите со Унион Олимпија и да ја спречиме нивната игра во транзиција и не само што го направивме тоа туку со паметен напад и трпеливи поседи ги казнувавме жестоки сите нивни грешки, особено во второто полувреме, изјави Назор.
Не сакам уште од сега да правам било какви калкулации околу тоа кој ќе испадне од АБА-лигата бидејќи сметам дека сите одговори поврзани со МЗТ Скопје Аеродром се во рацете на моите играчи. Речиси половина лига според некои математики може да биде на последното место и поради тоа најважно е ние да ја креваме формата, а другото само ќе си дојде, додаде тренерот на македонскиот шампион.
МЗТ Скопје следната недела има голема шанса за трета победа во низа со оглед на тоа што им гостува тим кој исто така се бори за опстанок, а тоа е словенечка Крка.