Тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Анте Назор беше лут по поразот (79:100) на неговиот тим вчеравечер на домашен терен од Цедевита, но не толку поради загубениот меч туку повеќе поради начинот на кој одиграа неговите избраници.
На хрватскиот стратег не му е јасно како може кошаркарите на тимот од Аеродром се уште да немаат сфатено дека не може да се направи ништо добро без добра и цврста одбрана.
– Не знам што да прокоментирам по средба во која мојата екипа прими 53 поени за едно полувреме и вкупно 100 на крајот, што е неверојатно. Уште од првиот ден кога дојдов во Скопје потенцирав дека одбраната е најголем проблем во оваа екипа, а ваквиот дефанзивен пристап како на денешниот натпревар, без разлика што игравме против тим од врвот на табелата, е нешто што не смее да ни се случува. Играчите во ситуација кога можевме да се вративме во средбата во две ситуации не направија „мал“ прекршок, нешто што и им го потенцирав само неколку минути претходно на тајм-аут, а веднаш потоа примаме две тројки, што е доказ за отсуство на концентрација.
– Ни недостасуваше борба, а кога но нема тоа паѓа во вода целата тактика. Нема да барам алиби во играчите што не можеа да помогнат и во фактот што Цедевита е екипа за фајнал-фор, бидејќи ако не сфатиме дека тие што доаѓаат да не гледаат, тие што го сакаат клубот и тие што даваат пари не заслужуваат нешто повеќе, тогаш јас како тренер не знам што повеќе да кажам. Со ваков пристап нема да стигнеме далеку, изјави Назор.
Следната шанса за поправање на впечатокот аеродромци ќе ја имаат в недела, кога ќе и гостуваат на Цибона во меч на кој се очекува враќање на повредениот Даниел Кларк.