Претстојниот викенд на патеката „Матка“ крај Скопје ќе се одржи јубилејниот 50-ти по ред Илинденски кајак слалом – ИКАС како и Европскиот куп во спуст.
По традиција престижното меѓународно натпреварување ја има поддршката од Агенцијата за млади и спорт (АМС), а така ќе биде и оваа година.
-Заложбата за поддршка на еден од најстарите спортски настани во југоисточна Европа останува и понатаму. Кајакарството во Македонија има традиција, резултат и претставува спорт кој освен спортските привилегии нуди и промоција на природните и културни вредности во Македонија, изјави Дарко Каевски, директор на АМС.
На денешната заедничка прес конференција присуствуваше и претседателот на Комитетот за слалом при Светската кајакарска федерација Томислав Црнковиќ.
-Огромно задоволство е повторно да сме во Македонија, во земјата која има идеални услови за одржување на еден ваков спортски настан. Нашето пријателско партнерство со кајакарската федерација на Македонија продолжува и понатаму, рече Црнковиќ.
Претседателот на Кајакарската федерација на Македонија Коста Ефтимов очекува на патеката „Матка“ да се појават околу 70 натпреварувачи од 14 земји.
Натпреварите ќе почнат утре во 9 часот, а за вечер од 19 часот во Музеј на град Скопје е закажано Свеченото отворање.