Со вечерашниот натпревар помеѓу МЗТ Скопје Аеродром и Унион Олимпија започнува новата сезона во регионалната кошаркарска АБА лига.
Македонскиот шампиопн во премиерниот меч ќе настапи без искусните Ѓорѓи Чековски и Кирил Николовски, па тоа отвори простор на листата на дванаестмината играчи кои ги одбра тренерот Влада Вукоичиќ за овој меч да се најдат и дебитантите во ова натпреварување, младите кошаркари Љубомир Младеновски и Михајло Арсоски.
Слично како и кај МЗТ Скопје, Унион Олимпија со свои проблеми пред настапот во Скопје. Поради повреда на овој меч нема да настапи американецот Џексон, додека неизвесен е и настапот на Дражен Бубниќ.
Противникот на македонскиот првак ќе биде предводен од поранешниот тренер на „аеродромци“ Алеш Пипан кој е оптимист пред дуелот во Скопје.
– Во Олимпија сме одлучни дека ова ќе биде наша сезона. Првата потврда за ова дојде во средата со победата во словенечкиот Суперкуп против Крка. Знаеме дека МЗТ ќе биде целосно мотивиран и решен да ја покаже својата сила под раководството на новиот тренер. Ова ќе биде посебно тежок дуел за нас, бидејќи немавме доволно време за подготовки, а имаме и повредени играчи. Но и покрај тоа се надевам на победа на стартот од АБА лигата.
Натпреварот МЗТ Скопје Аеродром – Унион Олимпија се игра во СЦ “Борис Трајковски” со почеток во 20 часот и 30 минути.
Двојки за другите натпревари од 1.коло: Цибона – Раднички, Широки – Црвена Звезда, Крка – Будуќност, Задар – Шолнок, Партизан – Игокеа и Мега Визура – Цедевита.